Славица Петровска-Галиќ, колоратурен сопран магистер по соло пеење оперски и концертен солист. Дипломирала на Музичката академија во Скопје кај професорот Коста Трпков.Уште како студент настапува на концертите во рамките на концертната активност на факултетот.Учесничка е на конкурсот Чајковски во Москва во 1982 година.Посебно внимание на публиката и стручната критика и стручната критика ,Славица Петровска-Галиќ свртува на себе со својот прв самостоен солистички концерт во салонот 19.19 во 1984 година. Во 1986 година заминува на едногодишна специјализација на Ленинградскиот конзерваториум . За време на тој студиски престој , како исклучително талентирана и способна певица , таа добива две улоги во театарот „Рубинштајн": улогата на Виолета во операта ,,Травијата и Розина во „Севилскиот бербер" кои што со успех ги реализира. Освен тоа во Ленинград одржува и солистички концерти.Својот прв настап на сцената на Операта на МНТ го има со улогата на Барберина во Моцартовата опера „Свадбата на Фигаро", за која критичарот на весникот „Нова Македонија" ќе напише: С.П.Галиќ блесна со својата мала но бисерно отпеана арија и со својот усет за сцена и ситуација". Потоа следува улогата на Амор во операта „Орфеј" од К.В.Глук изведена на фестивалот „Охридско лето".По кусиот едногодишен ангажман во Мариборската опера каде кон својот репертоар ги додава и улогите на Блонда и Констанца во Моцартовата опера „Грабнување од сарајот" се враќа во Скопје и во 1987 година добива постојан ангажман во Операта на МНТ.Од тој момент почнува нагорниот пат на С.П.Галиќ, пат на кој од улога до улога се нижат успеси за да се стигне до почетното звање-првенка на Операта на МНТ. Покрај веќе споменатите улоги на Розина во „Севилскиот бербер", Блонда, Констанца од „Грабнување од Сарајот", сега С.П.Галиќ во својот репертоар ги додава и улогите Адина во „Љубовна напивка", Хана Главари во „Веселата вдовица", Оскар во „Бал под маски", Неда во „Палјачи", Мизета во „Боеми", Џилда во „Риголето" и Лучија во „Лучија ди Ламермур".Од овој респектабилен број на остварени улоги треба посебно да се издвојат улогите на Виолета, Џилда, Лучија и Розина, кои претставуваат креативен врв во нејзините интерпретативни дострели. Од овие врвно остварени улоги сепак треба да се истакне улогата на Виолета Валери од операта „Травијата" за која критичарот на Македонија денес од 07.06. под наслов „Креативна возвишеност", а по повод настапот на XXX-тите ,,Мајски оперски вечери,, во 2002 година ќе напише:
,, Славица Петровска Галиќ со топлината на гласовниот тембр, со сензуалното фразирање и прекрасната сопранска колоратура , во голем стилски дијапазон и оригиналната артикулација , сликовито и емотивно продлабочено ја долови трогателната сентименталистика во толкувањето на трагичниот лик на Виолета". Во еден друг напис среќаваме: „С.П.Галиќ беше доминантен извор на креативниот израз-sвезда на вечерта.Таа, улогата на Виолета Валери во „Травијата" ја оствари во незаборавна емотивна изведба, комплетно предадена со особен сензибилитет за трансформација , заборавајќи го сопственото вистинско јас".
С.П.Галиќ гостувала на сите поголеми музички центри на поранешна Југославија, потоа во Бугарија, Грција, Данска, Русија, Италија, Франција, Германија, на фестивалите Скопско, Битолско, Охридско лето, на други музички и културни манифестации, како и во: Вилниус, Каунас, Софија, Пловдив, Благоевград, Сант Петерсбург, Копенхаген, Солун, Рим, Нижни Новгород, Осјек, Риека, Белград, Нови Сад , Загреб, Марибор, Блед и др. Гостувањето на фестивалот „Болдинска есен" во Нижни Новгород (Русија) критиката и публиката го парафразира со слоганот „Славица се прослави -таа со својата инетерпретација ја трогна публиката во салата".Покрај настапите на оперската сцена, С.П.Галиќ го негува и концертното пеење, настапувајќи на солистички концерти, посебно со камерното трио „Скопје". За еден од овие солистички концерти критичарот на „Вечер" под наслов „Враќање кон вредностите" ќе напише: „Таа поседува еден полн со носивост глас, вонредни вокални нијанси, чудесни пијанисима како и однегувано чувство за концертно-вокално исполнувачко рамниште".Во продолжение нека бидат наведени само уште неколку карактеристични наслови во печатот, а по повод нејзините настапи на оперската сцена и концертниот подиум: „Вонредно пеачко-артистички блесок" („Вечер" од 19.01.1994 година за толкувањето на улогата на Виолета во операта „Травијата"), „Раскошни потенцијали" (по повод солистичкиот концерт на фестивалот Охридско лето во 1994 година), „Оркестарот полнокрвно ангажиран -солистот вонсериски" (за настап на концертот за глас и оркестар од Р.Глиер со Македонската филхармонија).Сепак, круна на нејзината уметничка кариера претставува концертот одржан на 6 март 2002 година под наслов „Славица Петровска -Галиќ со пријателите", на кој заедно со познатите солисти-нејзини колеги од нашата Опера и од другите оперски куќи од странство: Радмила Бакочевиќ, Јадранка Јовановиќ, Милка Ефтимова, Никола Митиќ, Цветан Стојановски и други, го прослави 20-годишниот јубилеј на својата уметничка дејност. Овој исклучителен настан во нашата културна и музичка јавност беше мошне позитивно оценет. За тоа сведочи топлиот прием и овациите на публиката, како и написите во печатот: „Оперски хепенинг", „Вечер на вистинските вредности", „Техничка перфекција со длабоки емоции" - тоа се некои од насловите во медиумите по повод овој концерт. Тоа беше ревија на истакнати солисти во кои доминираше славеничката на вечерта Славица Петровска-Галиќ .Според искажувањата на критиката таа ги надмина стандарните дострели и со зрелоста на својот вонсериски талент и се придружи на европската оперска солистичка елита.Од сето погоре изложено се гледа дека во ликот на Славица Петровска-Галиќ нашата музичка, а посебно оперската уметност, има вонредно способен, зрел и креативен уметник. Славица Петровска-Галиќ исто така е добитник на нашето највисоко признание - наградата „11 Октомври" во 2002 година. Истата година станува Уметнички раководител на Операта до 2005 година. За тоа време на нашата оперска сцена ги има поставено: „Кармен", „Набуко", „Иван Сусанин", „Посета на старата дама", „Таен брак", „Мадам Батерфлај", „Тоска", „Лилјакот" и „Лидија од Македонија".
Повеќе...